„Руската противвоздушна одбрана собори две беспилотни летала во Москва и околината, подрачје кое е, шести ден по ред, цел на напади“, изјави рано утринава градоначалникот на руската престолнина.
„Ноќта противвоздушната одбрана собори дрон во квартот Можај, во Московската област. Другиот дрон погоди зграда во изградба во центарот на Москва“, објави Сергеј Собјанин на Телеграм.
Според првичните информации, во нападот нема жртви.
Руската новинска агенција РИА Новости претходно јави дека во деловниот кварт на Москва се слушнала „експлозија“.
„Зграда во изградба во центарот на главниот руски град е лесно оштетена“, јави новинската агенција ТАСС, повикувајќи се на службите за Итна помош.
На ноќните снимки објавени на социјалните мрежи се гледа како чад се издига во близина на облакодер.
Авиосообраќајот на московските меѓународни аеродроми Домодедово, Шереметјево и Внуково е прекинат, јави и ТАСС, повикувајќи се на надлежните служби.
Руската територија сега речиси постојано, секој ден, е цел на напади со дронови.
Вчераутро, два дрона се урнаа во московската област, во Красногорск, северозападно од главниот град. При падот на беспилотните летала причинета е само материјална штета, искршени се прозорците на една зграда, извести новинар на АФП од местото на настанот. Во текот на летото погодени се дронови над деловен кварт во Москва, а во мај два дрона беа соборени близу Кремљ.







