Романија го осуди нападот на руски беспилотни летала врз украинското пристаниште Рени во близина на нејзината граница, кое стана од витално значење за киевската рута за извоз на жито преку Дунав.
Од Букурешт велат дека нападот на Рени, на спротивниот источен брег на Дунав, го прекршил „меѓународното хуманитарно право“, но не ја загрозило Романија.
„Овие напади врз цивилни цели и инфраструктура во Украина се неоправдани“, соопштија тие.
Официјални лица во Одеса изјавија дека 25 руски дронови од иранско производство го нападнале пристаништето во текот на ноќта.
Три од нив ги пробиле украинските системи за противвоздушна одбрана, го погодиле пристаништето и раниле две лица.
Нападот на Рени беше дел од поширокиот напад на руски дронови врз украинските извозни објекти пред состанокот меѓу Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Сочи, на кој ќе се разговара за повторно воспоставување на прекинатиот црноморски договор за житото.
Инаку, Рени лежи на најзападната точка на Украина, на границата со Романија и Молдавија.
Пред војната пристаништето практично не се користеше за извоз на жито, но беше обновено бидејќи Украина бараше алтернативни извозни рути кон Црното Море.
Молдавија, која некогаш беше под руска власт, исто така го критикуваше нападот.
Тамошната влада, која застана на страната на Украина, го обвинува Кремљ дека се обидува да ја дестабилизира земјата.
„Русија мора да се смета за одговорна за секој уништен дел од инфраструктурата“, истакна Маја Санду, молдавската претседателка.
Кремљ од јули, кога беше поништен договорот што на Украина ѝ дозволуваше извоз на жито од нејзините пристаништа на Црното Море, ја напаѓа украинската житна инфраструктура.
Тогаш беше речено дека Русија се повлекла од споменатиот договор бидејќи Украина одбила повторно да го отвори цевководот за амонијак што од централна Русија оди до Црното Море.
(Фото: Сергеј Карченко/Нурфото-АФП)







