Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ денеска соопшти дека се уште нема да гради нова гигафабрика за батерии за електрични возила во Источна Европа поради слабата побарувачка.
Извршниот директор на „Фолксваген“, Оливер Блум, изјави дека со оглед на моменталната ситуација на пазарот, вклучувајќи го и побавниот раст на побарувачката за електрични возила, засега нема деловни причини за изградба на нова гигафабрика во Европа, пренесува „Ројтерс“.
Германската компанија разгледувала локации за изградба на фабрика во Чешка, Унгарија, Полска и Словачка.
Блум оваа недела се сретна со претставници на Чешка кои биле заинтересирани за оваа инвестиција за, како што навеле, да се обезбедела иднината на нивната автомобилска индустрија, која претставува многу важен сегмент од чешката економија.
После изјавата на Блуме, чешките власти рекоа дека локацијата што ја предложиле на „Фолксваген“ ќе им ја понудат на други инвеститори, истакнувајќи дека повеќе не можат да чекаат на одлука.
„Фолксваген“ веќе избра локации за изградба на своите три гигафабрики, во Салцгитер во Германија, Валенсија во Шпанија и во Св. Томас во Канада, пренесува „Танјуг“.







