Припадници на специјалните единици на германското Министерство за внатрешни работи спроведуваат операција против неколку исламистички здруженија низ земјата.
Средиштето на акцијата е Хамбург, а целта е да се добијат докази за забрана на овие здруженија и конфискација на имот, јавува германски „Велт“.
Рацијата истовремено е спроведена во неколку германски сојузни држави.
Полицајци упаднаа во повеќе од 50 згради ширум Германија, вклучувајќи ја и Сината џамија во Хамбург, чие спонзорско здружение, Исламски центар – Хамбург, се смета за „базна станица“ или „подружница“ на иранскиот режим.

„Осомничени се дека делуваат против уставниот поредок и против идејата за меѓународно разбирање. Безбедносните власти го истражија и сомнежот за тоа дека здружението ги поддржува активностите на либанската терористичка организација Хезболах, која во Германија е забранета“, се наведува во соопштението на сојузното Министерство за надворешни работи.
Освен простории во Хамбург, претресени се и простории на други исламистички здруженија во Берлин, Хесен, Северна Рајна-Вестфалија, Баден-Виртемберг, Долна Саксонија и Баварија.Станува збор за вкупно 54 објекти.
Германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, вели дека исламистичката сцена сега е „на нишан“.
„Посебно сега, во време кога многу Евреи се чувствуваат загрозени, важи следново: никако не толерираме исламистичка пропаганда или антисемитско и антиизраелско поттикнување.
Особено сега е важно да се биде внимателен и да се преземат остри мерки. Затоа секое оправдано сомневање го истражуваме“, истакнува Фезер.
Сомнежите против Исламистичкиот центар од Хамбург, посочува министерката, се мошне сериозни.
Министерството за внатрешни работи информира дека активностите на Центарот се насочени кон ширење на револуционерниот концепт на врховните ирански лидери.
„Постои сомневање дека овој концепт го крши уставниот поредок во Германија и идејата за меѓународно разбирање“, се наведува во соопштението на германското МВР.
(Фото: Даниел Боцволт / ДПА)







