Њујоркшкиот градоначалник, Ерик Адамс, е обвинет за сексуална злоупотреба, објавија денеска американски медиуми.
Неименувана жена го обвини Адамс за сексуален напад во 1993 година, кога двајцата, според судските документи, работеле за градот. Адамс во тоа време бил полицаец.
„Тужителката била сексуално нападната од обвинетиот Ерик Адамс во Њујорк во 1993 година додека двајцата работеле за градот Њујорк“, се наведува во правниот поднесок на три страници.
Тужителката од Адамс бара пет милиони долари отштета, како и адвокатски трошоци и камати.
Правните документи исто така го обвинуваат Адамс за „дискриминација при вработување врз основа на род и пол, непријателско работно опкружување и намерно нанесување на емоционална вознемиреност и емоционално страдање“.
Адамс ги отфрли обвинувањата, велејќи дека „тоа не е тој“ и дека „луѓето го знаат неговиот карактер“.
„Тоа апсолутно не се случи. Не се сеќавам дека некогаш сум ја сретнал таа личност“, им изјави Адамс на новинарите.
„Никогаш не би повредил никого на тој начин. Тоа не се случило никогаш“, истакна градоначалкникот на Њујорк.
(Фото: Ангела Вејс/АФП)







