Иако официјално сè уште не е завршена, оваа зима веќе собори многу рекорди и е рангирана меѓу најтоплите зими уште од 1888 година. А, судејќи според досегашните прогнози и рекордните температури кои се случија после потоплите зими, пред нас е веројатно едно од најпеколните лета, што за „Блиц“ го потврдува климатологот Горан Пејановиќ, заменик директор на Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија.
Напоменува дека и летата и зимите во Србија се се потопли, а една од причините за тоа се климатските промени, односно глобалното затоплување, заради што температурата на целата планета порасна за над 1 степен, а во Србија за дури 2 степени, ако го погледнеме периодот од 1951 година. Србија, имено, се загрева повеќе и побрзо од светскиот просек.
Како уште една причина за се потоплите години, освен климатските промени, Пејановиќ ги наведува атмосферско-океанските појави.
Климатологот не потсетува дека минатата и оваа зима имавме многу топол Тихи океан. Станува збор за феномен познат како „Ел Нињо“, кој придонесува за зголемување на годишните температури.
„Што се однесува до годинешново лето, за таа прогноза користиме нумерички модели за прогноза на климата за подолги периоди. Според резултатите од моделот, температурата на воздухот треба да биде над просекот со отстапување од 2 степени. Да речеме дека просечните сезонски температури би биле од 21 до 25 степени, а во повисоките ридско-планински предели од 13 до 18 степени. Сепак, она од што најмногу стравуваме е бројот на тропски денови, кога максималните дневни температури надминуваат 35 степени, што силно го отежнува животот и на луѓето и животните и на другите системи“, вели Пејановиќ.
Според истиот пресметковен модел, во текот на летото 2024 година се очекуваат просечни врнежи од 160 до 250 милиметри на метар квадратен, а нешто повеќе би биле во планинските предели, околу 220 до 290 милиметри на метар квадратен.
Горан Пејановиќ посочува дека ова лето бројот на денови со максимална температура над 30 степени ќе биде од 35 до 60.
„Треба да се очекува дека половина од летото ќе биде со максимална температура над 30 степени!“, вели тој
Климатологот заклучува дека пред нас е долго топло лето и порачува да се подготвиме за топлотни удари.
„Но, не станува збор само за висока температура, туку поради климатските промени доаѓа зголемување на процентот на водена пареа во воздухот, а вкупната висока температура и зголемената влажност на воздухот за 15 отсто повеќе во споредба со претходните периоди, го исцрпуваат телото. Влагата се зголемува поради испарувањето од океаните и почвата. На пример, ако влажноста на воздухот е 50 проценти, а температурата е 30 степени, тогаш ефективната температура е веќе 35 степени, што е блиску до телесната температура и тешко е да се реагира во такви ситуации – предупредува српскиот климатолог.







