Австралија денеска потпиша договор за извоз на повеќе од 100 оклопни возила во Германија, што се опишува како „најтешкиот“ договор на австралиската одбранбена индустрија во историјата.
Според договорот, германскиот производител на оружје „Рајнметал“ ќе произведува носачи за тешко оружје „Боксер“, во својата фабрика во источната австралиска држава Квинсленд.
Возилата потоа ќе бидат извезени за користење на германската армија.
Договорот беше одобрен во германскиот парламент, откако австралискиот премиер, Ентони Албанесе, присуствуваше на потпишувањето на начелниот договор меѓу Германија и Австралија за време на неговата посета на Берлин во јули минатата година.
„Договорот, кој на австралиската економија ќе и донесе повеќе од една милијарда австралиски долари (605 милиони евра), ќе осигура повеќе од 600 директни работни места, а уште повеќе кога ќе се пресмета ланецот на снабдување“, рече Албанесе.
Австралискиот министер за одбрана, Ричард Марлс, вели дека договорот е најголемата воена извозна спогодба во историјата на земјата.
„Производството и извозот на носачите на тешко оружје ‘Боксер’ во германската војска, го нагласува зајакнувањето на односите меѓу нашите две земји“, истакна тој во изјавата за медиумите.







