Девојка обвинета за нелегален абортус и дека го фрлила телото на своето новороденче во канта за ѓубре, изјавила дека се „испаничила“ по породувањето.
Шест години по грозоморната постапка, на Харвеј (25) и нејзиниот партнер Елиот Бенхам им се суди во судот во Глостер.
Кога имала 19 години, Харвеј изјавила дека нејзиното дете се родило мртво при неочекуваното породување во бањата.
Обвинителите, пак, тврдат дека Харвеј земала лек за да ја прекине бременоста откако дознала дека е бремена во 28-та недела – што значи дека според законот не можела да абортира.
На поротниците им било кажано дека таа првпат била уапсена во ноември 2018 година и дека тогаш била испрашувана од детективи во присуство на возрасно лице, пишува „Дејли Мејл“.
На судењето бил прочитан транскриптот од испрашувањето во кој Харвеј вели дека се породила на почетокот на септември и дека бебето било сино.
“Бев исплашена и ме фати паника. Не очекував дека тоа ќе се случи”, им рекла таа на полицајците.
Харвеј објаснила дека „мртвороденото бебе го завиткала во поголем пешкир, па го однела во надворешната корпа“. Рече дека нејзиниот партнер ја прашал дали е добро, додавајќи дека во тие моменти и тој бил вознемирен.
Абортусите во Англија се легални до 24-та недела од бременоста, доколку ги врши квалификуван лекар и може да се извршат во многу ограничени околности, што не било применливо во овој случај.
Харвеј на полицијата и кажала дека била шокирана кога дознала во кој месец е бремена.
„Ја напуштив клиниката скршена од тага. Никому не му кажав за тоа, затоа што се плашев“, рекла таа.
Размислувала, истакнала, за тоа да го задржи детето, била многу сигурна дека Бенхам ќе ја поддржи.
Обвинителите тврдат дека откако дознале дека Харвеј не може легално да абортира, таа и Бенхам нарачале комплет од пет таблети за прекин на бременост. Кога полицијата го пребарала нејзиниот дом, ја пронашла обвивката од првата таблета за која велат дека Харвеј ја испила.
Харвеј и Бенхам негираат дека набавиле апчиња за абортус и со нивна помош се ослободиле од детето, како и тоа дека подоцна ја „извртеле“ вистината.
И двајцата, меѓутоа, ја признаа вината за прикривање на раѓањето на детето.
Судењето продолжува.







