Францускиот претседател Емануел Макрон вчера повика на преиспитување на можноста за членство на Украина во НАТО, додека германскиот канцелар Фридрих Мерц оцени дека војната може да заврши само преку дипломатско решение, а украинскиот претседател Володимир Зеленски побара Европа да биде вклучена во преговорите со Русија, пренесуваат германските медиуми.
По состанокот на „Коалицијата на подготвените“ во Берлин, Макрон изјави дека, имајќи ги предвид максималистичките барања на Русија, прашањето за пристапувањето на Украина во НАТО треба повторно да се отвори. Тој оцени дека членството на Украина во Алијансата би било важно за долгорочната безбедност на Европа, особено со оглед на тоа што по војната Украина ќе има добро опремена армија.
Мерц изјави дека Европа е подготвена да разговара со рускиот претседател Владимир Путин за ставање крај на војната, при што напомена дека разговорите би можеле да се одржат на неутрален терен, како што се Обединетите Арапски Емирати. Тој нагласи дека мировното решение мора да го зачува територијалниот интегритет на Украина и да ѝ обезбеди цврсти безбедносни гаранции, како и вклучување во европскиот безбедносен систем.
Зеленски побара во следната рунда разговори, со кои посредуваат Соединетите Американски Држави (САД), да учествуваат Украина, Европа, САД и Русија. Тој изјави дека се разговара за времето и дневниот ред на следната средба, која, според него, би требало да биде средба во формат на четири страни, со учество на американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Украинскиот претседател повика на вршење притисок врз Русија, со цел таа конкретно да се ангажира за постигнување мировен договор, нагласувајќи дека Европа е подготвена да ѝ помогне на Украина преку нови санкции и дополнителна поддршка.
На средбата во Берлин присуствуваа 26 лидери, а „Коалицијата на подготвените“ – основана на почетокот на 2025 година – обединува околу 40 земји кои ѝ пружаат воена, финансиска и хуманитарна помош на Украина.
Извор: Данас







