Повеќе од половина од 1.219 испитаници немаат доверба во судството, 74 отсто од нив сметаат дека судскиот систем е по праведен за богатите, а 70,9 отсто не знаат дека во Македонија постои можност за бесплатна правна помош.
Истражувањето за јавната перцепција и запознаеноста на граѓаните со законот за бесплатна правна помош беше спроведено од организацијата „Реактор“ во периодот од крајот на септември до 21 октомври минатата година,
Ова истражување е спроведено со цел да се дојде до информации какви се ставовите за правниот систем во Република Македонија, велат од Фондацијата отворено општество Македонија.
„Правдата треба да стане достапна за сиромашните преку спроведување на принципот правдата и судовите да бидат подеднакво достапни за сите“, децидна е Нада Наумовска од ФООМ.
17,8 отсто од 1.219 изпитаници не би побарале бесплатна правна помош дури и да имаат потреба, а од нив дури 59 отсто како причина ја наведуваат недовербата во судството. Ова кажува дека речиси 1/5 од граѓаните би ги оставиле своите правни проблеми да бидат не решени отколку да стапат во интеракција со институциите.
На прашањето дали граѓаните знаат каде да се обратат доколку им е потребна правна помош, 66 отсто од граѓаните одговориле дека знаат. Најголем дел од нив ги наведуваат адвокатите како прво место каде што треба да појдат за правна помош, четири отсто би побарале помош од подрачните единици на Министерството за правда, а само 1,1 отсто од испитаниците би отишле во некое од граѓанските здруженија.
Оние кои можат да добијат бесплатна правна помош треба да исполнуваат неколку услови и тоа, да бидат корисници на некое законско право како социјална помош или детски додаток, да немаат приход кој надминува половина од просечната плата и да не поседуваат имот чија вредност надминува пет просечни плати.
Само 1,1 отсто од македонските граѓани исполнуваат услови за добивање бесплатна правна помош.
На државно ниво ова би значело дека ваквата помош и е достапна само на 18 000 граѓани.
Според истражувањето, 24,8 отсто од граѓаните биле лишани од пристап до правда поради својата материјална состојба, имале потреба од ваква помош меѓутоа не ја оствариле токму поради фактот дека не биле во финансиска можност тоа да го остварат.







