ЕУ ја предупреди денеска Турција, која е земја-кандидат за членство во Унијата, дека би можела да ги преиспита и редефинира односите со Анкара, откако со резултатот од неодамнешниот референдум на претседателот Реџеп Тајип Ердоган му се одобрени поголеми овластувања.
Предупредувањето доаѓа од еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан неколку дена пред планираната средба на министрите од 28-те земји членки на Унијата за проблематичните односи со Анкара.
– Дојде време за темелна проценка на односите меѓу ЕУ и Турција, а можеби и за редефинирање. Сите опции се отворени, секако вклучувајќи и продолжување на преговорите за членство. Меѓутоа, што се однесува до тие преговори, Турција мора да ги исполни критериумите – истакна Хан, додавајќи дека „моментната ситуација не е одржлива, ниту за Турција, ниту за ЕУ“.
Според него, тоа би можело да вклучи „нов формат на соработка“, како на пример унапредување на царинската унија меѓу ЕУ и Турција.







