Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, денеска имаше средба со словенечкиот амбасадор во Македонија, Мартин Безак, соопшти Секретаријатот за европски прашања.
Вецепремиерот Османи ја истакна важноста на билатералната поддршка, како и поддршката на Република Словенија во рамките на Вишеградската група за евроатлантска интеграција на Македонија.
„Очекувам во претстојниот период да имаме блиска соработка и да работиме заедно на имплементирање на сите неопходни реформи поврзани со евроатлантски процес, бидејќи Македонија нема друга алтернатива освен членство во евроатлантските структури, истакнал Османи на средбата.
Тој, меѓу другото, нагласил дека долгата политичка криза во земјава влијаела на сите сегменти од општеството, вклучувајѓи го и темпото на реформите за ЕУ.
Османи, исто така, посочил дека должноста на Владата е да се фокусира на повторно градење на позитивниот имиџ на државата, како и враќањето на демократијата и владеење на правото.
Двајцата соговорници се согласиле дека Владата треба да се фокусира на реално остварливи цели кои ќе дадат конкретни резултати во процесот на европската интеграција.







