Петтата вечер на петтото издание на Битола Шекспир фестивал, во неделата, на 25. јуни, со претставата „Сонот на Хамлет“, донесе пријатно изненадување и за „најиздржливите“ за доживување на монодрамите.
Младиот актер, Александар Аладишев од Академскиот драмски театар од градот Владимир, во Русија, мошне автентично и уверливо покажа како би функционирал, всушност како би сонувал, ликот на Шекспир, Хамлет во 21. век, во една алтернативна театарска реалност.
Претставата „Сонот на Хамлет“, во изведба на Аладишев, може да се доживее и како современа „авторецензија“ на самиот лик, Хамлет, за сето она што му се случува во драмата на Шекспир.
Во амбиент на модерна и минималистичка сценографија, каде доминираат една маса со микрофони, лаптоп и видео-бим, Александар Аладишев како модерно-алтернативен принц Хамлет, во шеесетината минути од претставата „комуницира“ со сите ликови од класичната драма на Шекспир – преку скајп.
Сите големи реплики и дијалози се разменуваат како видеопораки, скајп-дописи, а „алтернативниот“ Хамлет, сепак е сам на сцената и сепак тоа е монодрама, во која Аладишев сугестивно, како да е вистина, ги преживува и доживува сите емоционални дилеми и прекрушвања на класичниот лик, па и она неодминливо хамплетовско прашање – „да се биде, или не“.
„’Сонот на Хамлет’ е меѓународен проект. Тоа е пиеса на германски драматург од руско потекло – Нина Мазур. Таа е театарски критичар и куратор и организатор на многу театарски фестивали. Кога во мојот театар во Владимир (град во близина на Москва) размислувавме за некаква монодрама, Нина му ја предложила оваа пиеса на директорот на театарот, Борис Гунин. Режисерот на претставата е Литванец – Линас Мариус Заикаускас“, во куси црти ја кажува Аладишев „биографијата“ на проектот.
Пиеста во драматургија на Нина Мазур, всушност зборува за настаните што следуваат по смртта на Хамлет. Тоа претстава за состојбата на вечен сон, во кој Хамлет повторно ги преживува сите настани од драмата на Шекспир. Тој повторно ги доживува сите тие емоции, сите настани, но сепак – не може ништо да измени.
„Сонот на Хамлет“ донесува на сцената приказ за тоа како тој се однесува кон сето она што му се случило во драмата на Шекспир, неговите размисли… и прашањето – дали било можно нешто поинаку да се направи. За сето време, додека трае сонот, единствена негова желба е сето тоа што побргу да се заврши.
Премиерата на „Сонот на Хамлет“ била изведена во март, годинава. Со оваа претстава, Александар Аладишев и неговата екипа веќе гостувале на театарски фестивал во Кипар, а на Битола Шекспир фестивал го имаше вториот меѓународен настап.
„Благодарни сме за можноста да настапиме на овој меѓународен фестивал и како еден провинцијален театар од Русија да го покажемд она што го работиме, надвор од границите на наша земја. Тоа е прекрасна културна размена… Во Битола уште еднаш се уверив дека театарот има свој, универзален јазик и понекогаш и не е важно на кој јазик се зборува. Иако јазикот не е најуниверзален инструмент, театарот, сепак, нуди универзално доживување “, изјави Александар Аладишев во Битола.
(Ј.П.)











