Европа вчера оддаде почест на починатиот поранешен германски канцелар Хелмут Кол на несекојдневна церемонија. Прв пат во историјата на ЕУ, посмртните останки во ковчегот прекриен со европско знаме осум германски војници го внесоа во средиштето на Европскиот парламент во Стразбур. Унијата на овој начин му оддаде последен поздрав на еден от тројцата личности кои се сметаат за најзначајни за европското единство. Другите двајца се Французите Жан Моне кој почина во 1979 година и Жак Делор кој има 91 година.
На последниот поздрав од таткото на германското соединување, кој се смета за архитект на проширувањето на ЕУ, борец за зацврстување на француско-германското пријателство, но и човек кој успеа да ги наговори Германците да ја напуштат марката, дојдоа високи претставници од четириесетина земји, неговите поранешни колеги, претседатели, претставници на влади…
Почест на Кол кој почина на 16 јуни во 87 година, со своето присуство му оддадоа, меѓу останатите, рускиот премиер Дмитриј Медведев, некогашниот американски претседател Бил Клинтон и шпанскиот крал Хуан Карлос со сопругата Софија. Таму беа и претседателите на Европскиот совет, комисијата и парламентот, Доналд Туск, Жан Клод Јункер и Антонио Тајани, а дојдоа и 17 лидери на земји од Унијата, меѓу кои и Ангела Меркел, Емануел Макрон и Тереза Меј.
Кол беше канцелар на Германија четири последователни мандати, од 1982 до 1998 година. Тој ја покрена иницијативата за соединување на Западна и Источна Германија и беше „движечка сила“ за воведување на еврото.
Почина Симона Вејл
Европската унија доживеа уште една загуба меѓу важните личности од своето минато. Во петокот почина Французинката Симон Вејл (89), првата жена претседателка на Европскиот парламент.








