Пет нови земјотреси се регистрирани ноќва во охридското епицентрално подрачје. Најсилен бил првиот, со јачина од 4,1 степен по Рихтер. Се случил во 22.05 часот.
Час и час и половина подоцна жителите на градот под Самоиловата тврдина ги вознемирија уште два потреса, првиот со јачина од 3,2 степени и вториот 3,1 степен.
Во 01.02 часот е евидентиран четвртиот потрес. Биле измерени „само“ 3 степени.
Рано утрово во 04.29 часот регистриран е последниот, петти по ред, земјотрес со јачина од 3,8 степени на длабочина од еден километар.
Од 18 минатиот месец до денеска во охридскиот регион се регистрирани над 1.000 земјотреси. Најсилниот беше завчера во 13.18 часот со магнитуда од 5 степени според Рихтеровата скала, кој предизвика вознемиреност кај жителите и туристите, а пријавени се и помали материјални штети.







