Јапонскиот производител на автомобили Тојота во петокот ја подигна годишната прогноза на добивка за 16 отсто, затоа што очекува дека слабеењето на курсот на јенот ќе им го зголеми извозот.
Овој втор по големина светски производител на автомобили наведе дека сега очекува оперативен профит во висина од 1.850 милијарди јени (16.8 милијарди долари), во споредба со првично планираните 1.600 милијарди јени од претходната прогноза. Сепак, тоа е помалку од лани остварените 1.990 милијарди јени.
Во второто овогодишно тримесечје, меѓутоа, Тојота забележа пад на оперативниот профит на годишно ниво од 11 отсто, на 574,29 милијарди јени.
Тојота проценува дека оваа година курсот на американскиот долар просечно ќе изнесува 110 јени, а еврото ќе биде 124 јени. Послабиот јен прави автомобилите на Тојота да бидат поконкурентни во странство и ја зголемува вредноста на добивката што се враќа во земјата.
Во меѓувреме, пазарите се во очекување на објавувањето на плановите на Тојота дека со помалиот конкурент Мазда заеднички ќе изградат фабрика во САД вредна 1,6 милијарди долари и дека развиваат технологија на електрични возила, се дознава од доброинформирани извори.







