Разузнавачката служба на Нигерија денеска соопшти дека спречила голем план на екстремистичката група Боко Харам да изврши координирана серија напади во таа држава за време на прославата по повод фестивалот за Курбан Бајрам (Еид ал Ада).
Како што е наведено во соопштението на разузнавачката служба, навреме биле откриени „плановите на злосторниците да предизвикаат хаос и деструкција“ за текот на викендот, за време на траењето на празникот во Нигерија, пренесе АФП.
„Планот беше да изведат напади со пиштоли и самоубиства со бомби на определени места на територијата на престолнината Абуџи, во Кано, Кадуни, Нигер, Баучи, Јобе и Борно“, изјави портпаролот на Одделот за државни работи, Тони Опуијо.
Тој напомена дека апсењето на наводниот организатор на планираните напади, идентификуван како Хуесин маи Тангаран, во северниот град Кано, на 31 август, довело до притвор и на други осомничени.
Маи Тангаран е опишан како „познат“ командант во огранокот на Боко Харам кој ја поддржува Исламска држава во Сирија и Ирак.
Како што е соопштено, Маи Тангаран бил одговорен за нападот на џамија во градот Кано во 2014 година кога загинаа најмалку 120 лица.
Службите за безбедност во Нигерија често издаваат соопштенија за спречување на големи планови за напади кои ги организира Боко Харам, меѓутоа соопштенија за обвиненија и пресуди се ретки, наведува агенцијата.







