Центарот за јавно здравје – Скопје информира, дека нема пријавени нови случаи на заболени од морбили и оти се во добра здравствена состојба петте лица кај кои беше регистрирано ова заболување и во петокот е прогласена ограничена епидемија во областа Кванташка депонија во општина Гази Баба.
За време на викендот се вакцинирани околу сто лица, кои биле во непосредна близина со заболените и кои не се вакцинирани или немаат потврда за вакцинација на територијата на општината каде е прогласена епидемија.
Екипи од Центарот за јавно здравје Скопје и Институтот за јавно здравје заедно вршат дополнителна проверка на вакциналните картони и ги повикуваат не вакцинирани или непотполно вакцинирани деца.
Наложено е на сите здравствени домови во државата, приоритет да им биде вакцинација, односно ревакцинација во училиштата против морбили, рубеола и паротит.
„Екипите за имунизација, доколку има потреба, на територијата на поедини подрачја ќе вршат и теренска вакцинација, со цел изнаоѓање непријавени и воопшто не вакцинирани деца на територијата на град Скопје“, се вели во соопштението од Центарот за јавно здравје.







