Во Кривичниот суд денеска продолжува судењето на обвинетите за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села, што се случи на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.
Судијката Славица Андреевска, која го води процесот, на минатото рочиште рече дека главната расправа ќе продолжи на 8 февруари со доказна постапка и изјави на сведоци и вешти лица.
Во овој случај обвинети се Кире и Цане Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.
На претходното рочиште што се одржа на 26 јануари сите десетмина обвинети за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села се изјаснија за невини.
Лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села не дојде на судењето, а неговиот адвокат најави дека ќе бара отштета за материјална и нематеријална штета.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, беше тешко повреден при упадот и насилствата во Собранието на 27 април 2017 година.







