Хрватскиот синдикат на пилоти му упати отворено писмо на претседателот на Владата во кое го предупредуваат на, како што тврдат, алармантната ситуација во компанијата и „дебаклот“ со изборот на нов директор.
Во писмото тие го потсетуваат хрватскиот премиер дека уште во јануари му испратиле информација за случувањата, а за проблемите на состанок на 14 февруари со стручна презентација го запознале и министерот за сообраќај.
„Тогаш предупредивме на лошата ситуација во компанијата и изразивме загриженост дека ќе се распадне целокупниот систем на Кроација Аирлајнс. За жал, се покажа дека сме во право. Компанијата е пред распаѓање, а сезоната почна“, наведуваат од Хрватскиот синдикат на пилоти.







