Во Владата на Република Македонија денеска се одржа првата од најавените редовни Отворени денови на владата со Граѓанските организации (ГО).
На оваа средба, со која модерираше посебниот советник за односи со јавност во Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија Марјан Забрчанец, пред присутните бројни претставници на граѓанските организации се обратија министерот на информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски и претседателката на Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор, Фани Каранфилова-Пановска, директорка на Фондацијата Отворено општество Македонија.
Министерот Манчевски во своето обраќање истакна дека граѓанското општество е рамноправен партнер и коректор на одлуките на Владата, и дека оттаму дојде и заложбата на Владата на РМ за континуиран, транспарентен и целосно инклузивен дијалог со граѓанското општество.







