Многу фудбалери во својата 33 година го минуваат својот врв на кариерата, но Кристијано Роналдо вели дека тоа не е случај со него и дека е мотивиран да оствари добри резултати во Јувентус.
„Со должна почит, но играчите на мои години обично заминуваат во Катар или Кина, така што доаѓањето во ваков исклучителен клуб во оваа фаза од мојата кариера ме прави многу среќен“, рече Роналдо на синоќешното претставување во Јувентус.
Јувентус минатата недела го доведе Роналдо од Реал Мадрид за 112 милиони евра, што е рекорд во Серија А, а официјално најдобриот играч на светот со торинскиот клуб потпиша четиригодишен договор.
„Јас сум поинаков од сите останати играчи кои мислат дека нивната кариера е завршена во овие години. Сакам да покажам дека не сум како останатите, јас сум поинаков. Тоа е многу емотивен момент за мене, затоа што немам 23, туку имам 33 години.“
Тој додаде дека во Јувентус не е дојден на одмор.
„Сакам да ја одбележам историјата на Јувентус, се надевам дека можам да ги изненадам сите и многу сум самоуверен во тоа“, додаде тој.
Роналдо од секогаш покажуваше исклучителен работен однсо, а вети дека тоа ќе го продолжи и во Јувентус како би ја продолжил својата „долговечност“.
Португалскиот напаѓач премина од Манчестер јунајтед во Реал Мадрид во 2009 година и стана најдобар стрелец на шпанскиот клуб со 451 гол на 438 натпревари. Со мадриѓаните освои четири трофеи во Лига на шампиони, во 2017 година го победија Јувентус во финалето, а ја освои и Примера и Купот на кралот.
Роналдо, кој ги предводеше Португалците на Европското првенство во 2016 година до трофејот, исто така ја освои и Лига на шампиони со Манчестер јунајтед, како и три Премиер лиги и еднаш триумфираше во ФА купот.
Тој се надева дека и со Јувентус ќе продолжи со освојување на трофеи.
„Ќе биде тешко, го знам тоа. Лигата е многу тешка, но Јуве е подготвен и јас ќе бидам подготвен за најголеми достигнувања. Староста не е важна. Се чуствувам добро, се чуствувам мотивирано. Ќе дадам се од себе како и секогаш. Се радувам со почнување на новиот предизвик во кој ќе се обидам да ја освојам секоја титула“, изјави Роналдо.
При доаѓањето на Алијанц арената во Торино, Роналдо го дочекаа стотици навивачи кои го изговараа неговото име и викаа „Донеси ни трофеј во Лигата на шампиони“.
Јувентус уште од 1996 година не го освоил трофејот во највлијателното натпреварување. Од тогаш пет пати беше во финалето, вклучувајќи два пати во последните четири години.
„Старата дама“ во последните седум сезони ја освои Серија А, со четири двојни круни во последните четири години, но тоа не уапсеа да го пренесе во европските натпреварувања.
Роналдо четири пати ја освои Лига на шампиони во последните пет сезони, има рекордни 120 голови во ЛШ, од кои 105 постигна во Реал.
„Јувентус беше на чекор од освојувањето. Сега, се надевам дека ќе му донесам среча“, заклучи Португалецот.
Роналдо соборува рекорди
Најдобриот фудбалер на светот Кристијано Роналдо уште не беше стигнат во Торино, а навивачите на Јувентус, побрзаа да го купат дресот со името на новиот напаѓач на нивниот омилен клуб.
За само 24 часа биле продадени половина милион дресови со неговото име, поточно 520 илјади.
Дресот на клубот чини 104,95 евра, што значи дека „Старата дама“ за само еден ден инкасираше 54.574.000 евра благодарение на Роналдо, пренесуваат италијанските медиуми.
Донеодамнешниот фудбалер на Реал Мадрид во Јувентус ќе добива по 30 милиони евра за една сезона, а клубот веќе сега може да му ја исплати првата рата.








