Заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, денеска и утре, по покана на државниот секретар на САД, Мајкл Помпео, во Вашингтон ќе учествува на министерска конференција за унапредување на верските слободи.
На отворањето на конференцијата, освен државниот секретар Помпео, свое обраќање ќе има и потпретседателот на САД, Мајк Пенс.
„Промовирањето и заштитата на верските слободи е приоритет на американската администрација и за таа цел државниот секретар Помпео ќе биде домаќин на првата министерска конференција, која, освен министри и владини претставници, на едно место ќе собере многубројни верски лидери, борци за човекови права и претставници на граѓанскиот сектор, кои ќе разговараат за предизвиците, ќе идентификуваат конкретни мерки и чекори за борба против верскиот прогон и дискриминацијата и обезбедување поголемо почитување на верските слободи за сите“, соопшти Министерството за надворешни работи.
Конференцијата ќе ја одбележи и 20-годишнината на меѓународниот акт за верски слободи донесен од американскиот Конгрес во 1998 година.
За време на работната посета на Вашингтон, Жерновски ќе оствари средби со високи претставници на американската администрација, средби во Белата куќа и во Стејт департментот.







