Скопје во периодот помеѓу 8 и 12 октомври во СЦ „Борис Трајковски“ ќе биде домаќин на ИТТФ Светската јуниорска и кадетска серија од челенџ-турнири во пинг-понг.
По одржувањето на Балканското првенство во Скопје во текот на јуни годинава, со рекорден број држави учесници – 12, Пингпонгарската федерација на Северна Македонија се подготвува за организација на првиот турнир под покровителство на ИИТФ, Отвореното првенство за јуниори и кадети.
Над 100 учесници и 50 официјални лица од повеќе од 20 земји од светот (Шведска, Индија, Норвешка, Шпанија, Италија, Словачка, Чешка, Хрватска, Перу, Србија, Бугарија итн.) се очекуваат да пристигнат во Скопје и да се борат за титулите на овој тунрир, како и за паричниот и непаричниот фонд на награди (4.000 долари и 4 врвни телефонски апарати), обезбедени од организаторите и спонзорите на турнирот.
Доаѓањето на високи официјални лица од Светската и Европската пингпонг федерација во време на турнирот, претседателот Томас Вајкарт (ИТТФ) и претседателот Роналд Крамер (ЕТТУ), како останати официјални лица и професионалци треба да обезбеди дополнителен мотив за развојот на пинг-понгот во државата.
Од нашата земја ќе учествуваат 21 пингпонгар, а додека траат подготовките за овој турнир нашите млади репрезентативци се присутни на неколку турнири од оваа светска серија, кои се организираат во Словенија, Хрватска и Србија.







