Европскиот парламент усвои Резолуција во која се бара ЕУ да почне пристапни преговори со Северна Македонија. Минатонеделната одлука да се одложи се оценува како стратегиска грешка која го нарушува кредибилитетот на Унијата и испраќа негативна порака до земјите кандидати. На иста линија е и еврокомесарот Јоханес Хан кој вчера повторно го критикуваше негативниот став на Франција и одбивањето на европските лидери да донесат одлука за почеток на пристапните преговори, оценувајќи оти последиците по двете земји и по регионот може да бидат катастрофални. Резолуцијата се однесува и на Албанија.
Во резолуцијата се наведува дека ваквата одлука отвора можност други странски фактори чии активности можеби не се во линија со вредностите и интересите на ЕУ да се ангажираат поактивно и да го наметнат своето влијание во Северна Македонија и Албанија и дека реформите на процесот на проширување што ги бараат некои земји од ЕУ не треба да ги попречуваат двете држави кои веќе ги исполнија условите што беа побарани од нив.
На процесот не треба да влијаат ниту внатрешно-политичките прашања во земјите членки. На Северна Македонија и се изразува признание за решавањето на, како што се наведува, тешките билатерални прашања со соседите, а на Албанија за спроведените судски реформи.
Пред Парламентот да ја донесе Резолуцијата, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан повторно остро го критикуваше негативниот став на Франција и одбивањето на европските лидери да донесат одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, оценувајќи оти последиците по двете земји и по регионот може да бидат катастрофални.
Тој во интервју за австриската агенција АПА вели дека по негативната одлука на лидерите на ЕУ се отвора прашањето дали станува збор за трајно вето од Франција за проширувањето.
„Искрено кажано по одлуката на Советот на ЕУ, ние сме беспомошни. Сепак, треба да се има предвид дека 25 земји се изјаснија за отворање на преговорите“, истакнува Хан, упатувајќи критика за принципот за едногласно носење одлуки во Советот на ЕУ, кој според него досега повеќепати се покажа како неефикасен.
Хан вели дека францускиот претседател Емануел Макрон бара ЕУ претходно да спроведе внатрешни реформи што е поддржано и од некои други членки. Но, тоа според еврокомесарот, може да се одвива и паралелно со процесот на пристапување на државите кандидати.
„И едното и другото ќе траат со години и ако ја следиме линијата на Макрон и би се одело едно по друго тоа во пракса би значело дека перспективата за членство во ЕУ може да стане реалност дури по 30 години. А, тоа не би била никаква перспектива ниту поттик за реформите“, смета Хан.
Еврокомесарот за проширување оценува дека очигледно Франција во моментов не сака никакво проширување на ЕУ, а најавите дека ова прашање повторно ќе се разгледува за време на хрватското претседавање е „бесконечна приказна“.
Тој упатува порака до официјален Париз дека приемот на нови земји членки не е ревизибилен процес посочувајќи на Копенхашките критериуми. Постои можност преговорите да бидат прекинати, ако се утврди назадување на земјата кандидат.







