Најголемите политички партии од власта и опозицијата на неодамнешната лидерска средба се договорија за предвремени парламентарни избори во април 2020-та, но сеуште останува отворено прашањето дали тие ќе бидат по постојниот изборен модел или ќе се менува Изборниот законик.
Државната изборна комисија вели дека е подготвена да спроведе избори по кој било модел за кој ќе се договорат партиите.
Четирите најголеми политички субјекти во земјава имаат различни ставови во однос на изборниот модел. СДСМ бара една изборна единица со отворени листи, ВМРО-ДПМНЕ е за мнозински изборен модел, за ДУИ најдобар е системот со шест изборни единици, додека Алијанса за Албанците е за осум изборни единици.
Помалите политички партии, пак, се за промена на изборниот модел со една изборна единица кој, како што сметаат, би овозможил еднакви шанси на изборите за нив, а не тој да е по мерка само за „големите“.
Голема е веројатноста амбициозно најавуваните промени на изборниот модел и за овие избори да останат само најава, со оглед на различните позиции на најголемите партии по ова прашање.
„Ние ветивме и стоиме на нашиот предлог нашата земја да биде една изборна единица и да има отворени листи“
Мухамед Зекири, потпретседател на СДСМ
За ВМРО-ДПМНЕ најдобро е да има онолку изборни единици колку што има пратеници во Собранието, односно 120.

„Нашиот предлог е да имаме 120 изборни единици, по принципот на мнозински систем каков што имаат Велика Британија, Канада, САД…
Илија Димовски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ
Во ДУИ сметаат дека актуелниот изборен модел најдобро ги претставува граѓаните.
„Најдобар систем е постоечкиот, со шесте изборни единици, затоа што обезбедува пропорционално застапување на сите заедници во Собранието“
Артан Груби, пратеник на ДУИ
Од Државната изборна комисија велат дека се подготвени да ги спроведат и овие предвремени избори по кој било модел, па дури и оној со отворени изборни листи.
„Подготвени сме да спроведеме парламентарни избори по кој било модел за кој би бил постигнат договор меѓу политичките партии, вклучително и за модел со отворени изборни листи“, изјави претседателот на ДИК, Оливер Дерковски.
Ние, додаде тој, како институција сме подготвени. Функционираме континуирано и подготвени сме да го спроведеме она што ќе го договорат политичките партии.
Претседателот на ДИК потенцира и дека Избирачкиот список е во ред и оти во него нема т.н. фантомски гласачи.
„Тоа е материја што постојано и континуирано се чисти, прочистува и обработува. Како што ги добиваме податоците од МВР на квартално ниво, така ги обработуваме. Се разбира дека во список во кој има над 1,8 милион избирачи ќе може да се најде некоја недоследност, но сето тоа е сведено во една разумна рамка. Ние постојано работиме, и во овој момент кога е празен период и нема избори работиме на прочистување на Избирачкиот список“, рече Дерковски.
(Извор: МИА)









