Во фокусот на медиумите во Европа денес беше потпишувањето на договорот меѓу Македонија и Грција за решавање на деценискиот спор за името.
Германската ZDF информираше дека Грција и Македонија потпишаа историски договор. Известувачот од Преспа истакна дека во спорот околу државното име Македонија, министрите за надворешни работи на двете земји потпишаа договор и дека балканската држава во иднина ќе го носи името “Република Северна Македонија”. Сепак, посочија, спорот продолжува да тече.
Грција и Македонија потпишаа договор со кој ќе се реши деценискиот спор околу името на Македонија, информираше ББС.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас рече дека тоа е “храбар, историски и неопходен чекор за нашите народи”, пренесува ББС.
Договорот, според информациите на британската телевизија, сé уште не е во сила затоа што треба да биде одобрен од парламентите и од референдум во Македонија.
Грција и Македонија потпишаа историски прелиминарен договор за преименување на малата балканска нација Република Северна Македонија, завршувајќи го спорот што ги отру односите меѓу двата соседи од 1991 година … Договорот има за цел да почне да го одмотува еден од најдолгите и дефинитивно најапсурден дипломатски спор, кој почна пред 27 години кога Македонија прогласи независност, наведува АФП.







