Бајката на Швеѓаните заврши во четвртфиналето на Мундијалот во Русија. Англичаните продолжуваат да го живеат сонот за втора светска титула.
Избраниците на Герет Саутгејт потврдија дека се поквалитетна екипа од „викинзите“ и со сигурна игра се пласираа меѓу четирите најдобри репрезентации на планетата, што не биле уште од 1990 година.
За првото возбудување во текот на првото тврдо полувреме во Самара се погрижи голгетерот на шампионатот Хари Кејн. Напаѓачот на Тотенхем шутираше од дваесетина метри, но топката пруфучи блиску до стативата од голот на шведскиот голман.
Швеѓаните за крајно дефанзивната тактика беа казнети во 30 минута. Англичаните од прекин, својот специјалитет на ова нтпреварување, дојдоа до 1:0. Штоперот на Лестер, Хари Мегваер, го натскока Емил Форберг после центаршутот од корнер на Ешли Јанг и ја затресе мрежата на „викинзите“. Тоа беше гол првенец на Мегвер во националниот дрес, во неговиот десети настап.
Рахим Стерлинг во 45 минута можеше да го зголеми водството на Англичаните, кога излезе „еден на еден“ со Робин Олсен, но се сплетка и на крајот ја испрати топката високо над голот.
Во втората минута од судиското продолжение на првото полувреме Маркус Берг со глава упати удар кон голот на англискиот чувар на мрежата Џордан Пикфорд кој со крајни напори успеа да ја исфрли топката во корнер и да спречи изедначување.
Англиската репрезентација не се повлече во второто полувреме за да го брани резултатот од првиот дел, туку и понатаму продолжи да атакува на голот на Швеѓаните. Наградата за таков пристап стаса во 59 минута, кога Деле Али со глава ја испрати топката во мрежата на Олсен, на асистенција на Џеси Лингард, за 2:0.
Во 62 и 72 минута, „единицата“ на Англичаните, Пикфорд, ја потврди кандидатурата за најдобар голман на Мундијалот. Најнапред го запре ударот на Виктор Клаесен од близина, а потоа силниот удар на Берг со врвот од прстите ја префрли топката преку пречката во корнер. Со тоа ја отфрли секоја надеж на „викинзите“ за да можат да го направат крајот на натпреварот неизвесен.
Швеѓаните, кои непосредно пред почетокот на шампионатот се откажаа од Златан Ибрахимовиќ, не успеаја по четврти пат во историјата да влезат во полуфинале, прв пат после 1994 година. Меѓутоа, можат да бидат задоволни со она што го направија на престижниот турнир, на кој не беа 12 години.
Англичаните до сега на Светското првенство во Русија постигнаа 11 голови, со што го изедначија својот рекорд од 1966 година, кога беа светски прваци
Шведска – Англија 0:2 (0:1)
Стрелци: Мегваер во 30 и Деле Али во 59 минута за Англија
Стадион: „Космос арена“ во Самара Гледачи: 41.000 Судија: Кујперс (Холандија)
Шведска: Олсен, Крафт (од 85 мин. Јансон), Линделоф, Гранквист, Аугустинсон, Кларсон, Ларсон, Екдал, Форсберг (од 65 мин. Олсон), Тоивонен (од 65 мин. Гуидети) и Берг.
Англија: Пикфорд, Вокер, Стоунс, Мегваер, Трипие, Јанг, Хендерсон (од 84 мин. Даер), Деле Али (од 76 мин. Делф), Лингард, Стерлинг (од 90 мин. Рашфорд) и Кејн.







