Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека од почетокот на јули се потврдени 10 нови жаришта на сипаници кај овци и кози, со што вкупниот број жаришта во државата достигна 17.
Новите случаи се регистрирани во селото Саса (Македонска Каменица), Соколарци (Чешиново-Облешево), Бигла (Делчево), Малино и Косевица (Свети Николе) и Сопот (Куманово).
Од првото жариште, регистрирано кон крајот на јануари во селото Лопате, Кумановско, досега болеста е потврдена во 17 одгледувалишта, од кои 15 се фарми со овци, а две се одгледувалишта со овци и кози. Зафатени се повеќе од 2.700 животни.
АХВ информира дека, по обезбедување соодветни локации за закопување, ќе продолжи со депопулација на животните во новопотврдените жаришта во Македонска Каменица, Делчево и Свети Николе. Досега се усмртени повеќе од 1.400 животни, а вчера беше спроведена депопулација и во одгледувалиштето во селото Сопот, Кумановско.
Поради ширењето на болеста, Агенцијата одржа работна средба со здруженијата на одгледувачи на овци, на која беа презентирани актуелната епидемиолошка состојба, мерките за спречување на ширењето на болеста и биосигурносните препораки за сточарите.
Во сите заразени одгледувалишта се спроведуваат попис на животните, нивно уништување под официјален надзор, безбедно отстранување на мршите, храната, млекото, волната и останатиот потенцијално контаминиран материјал, како и темелна дезинфекција и епидемиолошко испитување.
Во сила остануваат и низа рестриктивни мерки, меѓу кои забрана за движење на овци и кози во заштитните зони, забрана за работа на добиточните пазари, како и забрана за одржување изложби и други настани со овци и кози на целата територија на државата.
Од АХВ апелираат сите одгледувачи строго да ги почитуваат биосигурносните мерки, да не внесуваат нови животни без претходен ветеринарен преглед и веднаш, најдоцна во рок од 24 часа, да пријават секој сомнителен случај или угинување кај животните.
Во меѓувреме, експертската група на АХВ одржа итен состанок на кој, покрај актуелната состојба во земјава и регионот, се разговарало и за можноста за воведување вакцинација како една од опциите за справување со болеста.







