Министрите за внатрешни работи на државите-членки на ЕУ ќе се состанат денеска во Луксембург каде што ќе разговараат за ситуацијата во Шенген зоната, импликациите на ситуацијата на Блискиот Исток за внатрешната безбедност во ЕУ и миграцијата.
Се повеќе земји воведуваат контроли на границите внатре во Шенген зоната поради големиот број илегални влегувања на мигранти.
Италија најави дека поради променетите околности во Европа и на Блискиот Исток ќе воведе надзор на границата со Словенија. Следствено на тоа, во Словенија се најавува дека ќе воведат контроли на границите со Хрватска и Унгарија.
Италија ја извести Словенија дека ќе воведе гранични контроли прво за десет дена, но со можност за продолжување.Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Пјантедоси, го информирал својот словенечки колега, Боштјан Поклукар, дека суштината на воведувањето на оваа привремена мерка е превенција од тероризам и организиран криминал.Двајцата министри се согласија дека западнобалканската рута, која внимателно ја следат словенечките и италијанските безбедносни служби, може да биде атрактивен коридор за потенцијална радикализација.
Поради големиот мигрантски притисок и ситуацијата на Блискиот Исток, се повеќе земји воведуваат или продолжуваат гранични контроли на внатрешните граници на шенгенскиот простор.
Австрија воведе гранични контроли со Словенија и Унгарија уште во 2015 година, во понеделникот ја информираше Комисијата дека со тоа ќе продолжи до мај следната година. Во средата воведе контроли и на границата со Чешка, откако Германија одлучи да воведе надзор на границите со Полска и Швајцарија и да ги прошири контролите на границата со Австрија.
Контроли на внатрешните граници на Шенген зоната вршат и Данска, Франција, Норвешка и Шведска.
Во рамките на расправата за шенгенскиот простор, посебно внимание ќе се посвети на криумчарењето мигранти и како ефикасно да се борат против тоа.
За време на работниот ручек, министрите ќе разговараат за импликациите од состојбата на Блискиот Исток врз внатрешната безбедност на земјите-членки. Во Брисел пред два дена во терористички напад загинаа две лица, во Франција во петокот млад радикализиран исламист уби професор на северот на земјата, во средата неколку регионални аеродроми беа евакуирани по „дојави за бомби“ испратени по електронска пошта.Заради зголемената опасност од нов напад, безбедносната тревога во земјава е подигната на највисоко ниво.
Шпанското претседателство ќе ги извести министрите за тоа како напредуваат преговорите меѓу Советот и Парламентот за усогласување на законодавните текстови за миграција и азил.
Министрите потоа ќе разговараат за надворешната димензија на миграцијата, односно за соработката со земјите од кои доаѓаат мигрантите и за земјите на транзит. Министрите, исто така, ќе расправаат и за предлогот за регулатива за спречување и сузбивање на сексуалната злоупотреба на деца. Со предложената регулатива на интернет компаниите ќе им се наметне обврска да ги известуваат надлежните органи и тела за случаи на сексуална злоупотреба на деца на интернет на нивните платформи.







