„Народот на овие избори ќе донесе огромна победа за нашата коалиција и ќе покаже дека тој народ е газда во оваа држава. Народот ќе им го даде својот одговор на сите кои го потценуваа“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на конвенцијата на Коалицијата за подобра Македонија.
На конвенцијата на која беа промовирани кандидатите за пратеници, Груевски рече дека во периодoт што изминал, во кој што имало лични навреди, клевети и омаловажувања од страна на опозицијата, успеал да издржи благодарение на довербата од народот.
Според него, овие избори ќе бидат поразлични од останатите и по тоа што тој заедно со лидерот на СДСМ ќе си ги одмерат силите во Четвртата изборна единица.
„После се што се случи, потребно е да му се даде можност на народот да одлучи за премиер меѓу мене и него на целата територија во Македонија, но и во 4-тата ИЕ, каде лично и двајцата како индивидуи ќе ја побараме поддршката на граѓаните. Време е да го соочам со реалноста и да го победам, во изборна единица која тој ја избра и во градот каде е градоначалник, да види на свој терен, во својата околина што мисли народот за сите лаги кои ги искажа за мене“, рече Груевски.
Груевски додаде дека е извесно оти лидерот на СДСМ ќе биде поразен што ќе биде пресудно за неговата политичка кариера, додавајќи дека опозицијата ќе биде поразена и во останатите изборни единици.