Вредноста на доларот денеска на меѓународните берзи се задржа блиску до најниските стапки во последните 13 месеци во однос на кошничката на најважните светски валути, додека инвеститорите во потрага по нови смерници ја чекаат објавата на најновите економски показатели од двете страни на Атлантикот.
Индексот на доларот кој ја мери вредноста на американската кон другите шест најзначајни светски валути, утринава зајакна за незначителни 0,2 отсто, на 93,450 поени и се држи блиску до најниската стапка од јуни 2016 година, на која се спушти во четвртокот. Утринава делумно ги задомести загубите забележени во петокот, кога трговскиот ден го заврши во минус од 0,6 проценти.
На безмалку идентична процентна добивка доларот денеска беше и кон еврото, кое се тргуваше по 1,1724 долари. Американската валута не бележеше поголеми промени кон јапонската, задржувајќи се на 110,62 јени.
И курсот на фунтата кон доларот стагнираше утринава при тргувањето, на 1,3107 долари, и се држи блиску до највисокото ниво во последните десет месеци, од 1,3159 долари, кој во еден момент стаса во четвртокот.
Американската валута ја притиска неизвесноста после неуспешната реформа на здравствениот систем која во кампањата на големо ја ветуваше претседателот Доналд Трамп, па сега под знак прашање се цела низа ветени мерки, вклучувајќи ги и посакуваните измени во даночниот систем и бројните мерки за стимулирање на економијата.
Доларот од почетокот на годинава кон еврото ослабе за повеќе од 11,5 отсто, покажуваат податоците на Ројтерс.
На понатамошното движење на тој валутен пар ќе влијаат новите показатели од матичните економии.
Оваа недела ќе изобилува со објава на мноштво економски показатели од еврозоната и САД, а се ќе започне со проценките за инфлацијата во Унијата кои ќе ги објави европската статистичка служба – ЕУРОСТАТ.
Станува збор за индексот на потрошувачките цени во економијата на 19-те земји чие движење е важно во одлуката на Европската централна банка (ЕЦБ) за понатамошните потези во монетарната политика на зоната на примената на заедничката валута. Во ЕЦБ целат на годишна инфлација од малку под два отсто, истакнува Ројтерс.
Кон крајот на неделата во фокусот на пазарите вообичаено ќе бидат најновите податоци за новите работни места во американската економија, важен показател за здравјето на најголемата светска економија.
Во меѓувреме, од редовните седници на значајните централни банки во светот инвеститорите ќе ги следат и одлуките од седниците на британската централна банка – Банката на Англија и австралиската централна банка.







