Британските пратеници денеска гласаа за предлогот со кој се повлекува поддршката на спогодбата за „брегзит“ на премиерот Борис Џонсон додека тој не биде формално ратификуван.
Ројтерс наведува дека ваквиот чекор ќе го обврзе Џонсон да побара од Европската унија одлагање на „брегзит“. За амандманот гласаа 322 пратеници, додека против беа 306.
Веднаш после тоа премиерот Борис Џонсон изјави дека нема да преговара со ЕУ за какво било одлагање.
„Нема да преговарам со Унијата за одлагање, ниту законот ме приморува на тоа“, рече Џонсон, обраќајќи им се на пратениците после гласањето.
Ројтерс, меѓутоа, истакнува дека ако парламентот не го одобри договорот до крајот на денот, законот го обврзува Џонсон да бара одлагање на „брегзит“ за три месеци.
Сепак, Џонсон вели дека на пријателите и колегите во Унијата ќе им го каже истото тоа што на сите им го зборувал во последните 88 денови, односно откако стапи на должноста премиер.
„Дека понатамошното одлагање би било лошо за оваа земја, лошо за Европската унија и лошо за демократијата“, порача Џонсон.
Денешната расправа во британскиот парламент беше исклучително бурна.
Ништо помалку драматично не беше ни на улиците во Лондон на кои се собраа десетици илјади луѓе кои се противат на излегувањето од ЕУ. Демонстрантите од движењето „Луѓето гласаат“ чиј предводник е Џејмс Мекгрегор, бараа нов референдум за веќе донесената одлука.
На почетокот на денешната расправа Борис Џонсон прв им се обрати на пратениците и ги повика да ја ратификуваат спогодбата што тој ја направил со останатите лидери од ЕУ. Според неговите зборови, пратениците треба да се „обединат како демократи за да го завршат спорот“ кој ја потресува земјата веќе три години.
„Сега е време Долниот дом да се обедини, затоа што верувам дека граѓаните на тоа се надеваат и тоа го сакаат“, изјави британскиот премиер.
Сепак нешто подоцна следеше драмски заплет, претседателот на Долниот дом, Џон Берков го стави на гласање предлогот на поранешниот конзервативец Оливер Летвин, според кој парламентот треба да се воздржи од гласање додека не добијат гаранција од Џонсон дека нема да спроведе „брегзит“ без спогодба на ЕУ.
Во дискусијата лидерот на опозициската британска Лабуристичка партија, Џереми Корбин, изјави дека граѓаните мораат да го кажат последниот збор за излегувањето на земјата од Унијата и дека неговата партија нема да ја поддржи спогодбата на премиерот Борис Џонсон со Брисел за „брегзит“.
„Денешното гласање за спогодбата нема да биде крај за „брегзит“. Последниот збор го има народот“, рече Корбин.
Британскиот министер задолжен за излегување на Велика Британија од Европската унија, Стивен Баркли, рече дека не се слага со оценката на гувернерот на Банката на Англија дека спогодбата која премиерот Џонсон ја постигна со Брисел за економија е полош од оној којшто го постигна неговата претходничка Тереза Меј.
Тој истакна дека таа спогодба и овозможува на Велика Британија да го одблокира постигнувањето на спогодба со други страни ширум светот и да го решава клучното прашање, на односите на Северна Ирска и Република Ирска, двете членки на ЕУ.
На прашањето зошто владата не ја објави анализа за последиците кои ќе ги има постигнатата спогодба, Баркли рече:
„Имавме само два дена….“









