На крајот на 1923 година, хиперинфлацијата ја направи германската валута толку безвредна што една жена употреби неколку милијарди германски марки за да направи фустан за карневал од банкноти.
Фустанот е дел од изложбата во Историскиот музеј во Франкфурт, кој предизвикува непријатност кај Германците кои денеска се погодени од најголемиот раст на цените од обединувањето на земјата, и тоа заради нападот на Русија врз Украина.
„Не можевме да замислиме дека ќе биде толку релевантно“, вели Натали Ангерсбах, куратор на изложбата „Инфлација 1923. Војна, пари, траума“.
„Не сакаме инфлација, но вниманието што го имаме сега не прави среќни“, додаде таа.
Како вистински погодок и за младите и за старите, изложбата доби пофалби од Филип Лејн, главен економист во Европската централна банка, која има седиште во Франкфурт, и која се бори да го намали растот на цените во 20-члената еврозона назад на 2 отсто.
За Германија, и покрај неодамнешниот удар на инфлацијата, која секако не беше ни близу 29.000 проценти или повеќе и која брзо ги збриша заштедите на домаќинствата пред еден век, предизвиците што ги изложи на виделина не треба да се потценат.
Растечките трошоци за енергија помогнаа покренување на рецесија која ги разоткри економските слабости.
Во меѓувреме, зголемената нееднаквост го поттикнува повторното оживување на екстремно десничарските политички сили.
Откако во октомври минатата година го достигна врвот од 11,6 отсто, инфлацијата во најголемата европска економија овој месец би можела да се намали до 6,4 отсто, според истражувањето на аналитичарите Блумберг.
Но, зголемувањето на цените на сè, од бензин до путер, заедно со невиденото зголемување на стапките што Европската централна банка ги покрена како одговор, се болни.
И како што ќе се приближува кон крајот, можеби сепак тоа време ќе биде продолжено.
Традиционалната аверзија на Германците кон инфлацијата, вкоренета во тешкото искушение од 1920-тите, оживеа минатата година, откако благо се намали во претходниот период, покажаа истражувањата.
Како и пред еден век, економските потешкотии што следеа се покажаа како плодна почва за популизам.
Поддршката за германската АфД последниве месеци се искачи на рекордно високо ниво, позиционирајќи ја крајно десничарската партија пред Социјалдемократите од левиот центар (СПД) на канцеларот Олаф Шолц.

Симпатизерите на АФД се посебно незадоволни од сопствениот живот и економијата од просечните гласачи, смета Марсел Фрацшер, кој го води истражувачкиот институт ДИВ.
Со оглед на тоа дека германското производство стагнира, работите би можеле дополнително да се влошат.
За сиромашните, скокот на инфлацијата беше особено изразен во трошоците за храна – кои чинат поголем дел од нивната потрошувачка што тоа не е случај кај богатите семејства – чии цени растеа двојно побрзо од вкупните цени.
Во Франкфурт, во сенката на облакодерите во кои се наоѓаат некои од најголемите европски банки, банката за храна „Франкфуртер Тафел“ е сведок за катастрофата од прва рака.
Барањата за помош толку многу се зголемија што добротворната организација беше принудена да го запре понатамошниот прилив на корисници.
Иако има доволно простор за складирање, донациите не ја задоволија побарувачката.
„Еднаш останаа само еден кромид и три моркови, а чекаа четири семејства, кои потоа почнаа да се караат за сè“, рече портпаролката Нилаб Алокузај-Кисингер, гледајќи во празните полици на магацинот.
На едно дистрибутерско место, сместено во латиноамерикански ноќен клуб, луѓето секој петок наутро застануваат на ред, чекајќи ќеси полни со се, од зеленчук до колбаси и јогурт.
Една пензионерка вели дека нејзината пензија не ги покрива трошоците за храна или кирија бидејќи цените се зголемени.
Инфлацијата би можела дополнително да забави, но цените веројатно нема да паѓаат.
„Постои сфаќање дека вкупната инфлација се намалува“, изјави претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел, минатата недела за ТВ Блумберг.
„Често е така, потребно е повеќе време за да се намали основната инфлација. Тоа би можело да биде можно сценарио. Но, треба да се почекаат септемвриските бројки“, додава тој.
Во исто време, владата ги намалува мерките за поддршка кои им помогнаа на граѓаните да имаат ниски сметки за греење откако војната во Украина доведе до голем скок на цените на енергијата.
Шолц е оптимист дека инфлацијата може да се надмине, оценувајќи дека Германија е „совршено способна да ги совлада проблемите на нашето време“.
Иницијативите вклучуваат брза инсталација на терминали за течен природен гас за да се намалат трошоците за енергија и вложувања во зелена транзиција, за електричната енергија да остане евтина за индустрискиот сектор кој претходно стана зависен од евтиниот гас од Русија.
Канцеларот е, исто така, многу пркосен кога станува збор за подемот на АФД.
„Нема да можеме да избегнеме да заземеме став и да кажеме дека ја браниме демократијата и слободата која ја постигнавме“, рече Шолц претходно овој месец.
Во музејот во Франкфурт посетителите учат за опасностите од печатењето пари, а меѓу нив е и Клаус Мур, пензионер кој дома чува кутија со милиони обезвреднети марки на својот дедо.
„Се надевам дека нема да биде толку лошо како што било тогаш“, рече тој.
„Имам добра пензија, но можам да замислам дека многу семејства, особено оние со деца, тешко ги поднесуваат денешните поскапувања“, заклучува Мур.







