Најмалку 32 лица загинаа во силниот земјотрес што денеска го погоди јужниот дел на Филипините предизвикувајќи предупредувања за цунами во делови од регионот, што по неколку часа беа повторно повлечени – јави ДПА.
Земјотресот беше регистриран во 7.37 часот наутро по локално време (23.37 GMT синоќа) и беше со магнитуда од 7,8 степени, наведе Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија (Phivolcs).
Епицентарот на потресот се наоѓа југозападно од градот Масим, во покраината Сарангани, на јужниот остров Минданао, наведе Phivolcs.
Дванаесет лица се водат за исчезнати, а вкупно 134 се повредени, се досегашните официјални бројки.
Седумнаесет лица загинаа во покраината Сарангани, вклучувајќи 13 во лизгање на земјиштето во градот Глан, изјави Рене Пунзалан, покраински службеник за помош при катастрофи.
Други четири лица загинаа во градот Малапатан, додаде тој.
Десет жртви се пријавени во градот Генерал Сантос, каде што живеат речиси 70.000 жители и кој беше особено погоден од земјотресот, според службениците за цивилна одбрана и катастрофи, пренесува ДПА.
Други три лица загинаа во покраината Давао Оксидентал и две во градот Тупи во покраината Јужен Котабато, според националната агенција за катастрофи.
Потресот беше почувствуван и во делови од Индонезија, особено на островот Сулавеси, каде што беше издадено предупредување за цунами. Јапонија исто така предупреди делови од своето крајбрежје на Пацификот за можни бранови.
Геолошкиот завод на САД (USGS), што првично ја процени јачината на земјотресот на 8,2 степени, за подоцна да ја намали на 7,8 степени, во текот на денешниот ден го укина предупредувањето за цунами.
Според USGS, земјотресот се случил на релативно мала длабочина од 55 километри, пренесе ДПА.







