Израел и Хамас преговараат за условите за ослободување на киднапираните заложници, тврдат добро упатени извори за „Њујорк Тајмс“. Преговорите, наводно, се одржуваат под покровителство на американски и катарски официјални лица, а во Доха од пред неколку денови се Вилијам Барнс, директорот на ЦИА и Дејвид Барнеа, шефот на израелскиот Мосад, за да ја решат таа задача.
Се преговара за два предлози – првиот се однесува на ослободување на дваесет цивили во замена за краткорочен прекин на огнот што на Палестинците ќе им овозможи да ги снабдат болници и да пристапат до хуманитарна помош. Доколку се исполнат овие услови, Хамас би можел да ослободи уште стотина грабнати цивили.
Лице запознаено со процесот на преговорите за „Њујорк Тајмс“ изјави дека отежнувачка околност е фактот што само дваесетина заложници се во заточеништво на Хамас. Останатите 200, наводно, терористите ги префрлиле кај озлогласениот палестински Исламски џихад и други групации во Газа над кои Хамас нема ингеренција.
Исто така, Хамас категорично ја отфрла и разгледа опцијата за ослободување на грабнатите воено способни мажи. Се проценува дека ги има меѓу 130 и 140.
Израел, имено, е под се посилен притисок од западните сојузници драстично да го намали обемот на воените операции во Газа, во кои гинат многу луѓе.
„Загинаа премногу Палестинци. Мораме да работиме на тоа да се заштитат цивилите и да им се обезбеди пристап до хуманитарна помош“, порача американскиот државен секретар, Антони Блинкен, од Њу Делхи, после неодамнешната обемна дипломатска турнеја поБлискиот Исток.
Со таа изјава тој навести дека администрацијата на Бајден е се позагрижена заради огромниот број на загинати во Газа.
Со американските сојузници се согласи и францускиот претседател, Емануел Макрон, кој преку официјално соопштение, оваа сабота, апелираше до Израел да престане со ракетирање локации каде што се наоѓаат деца, жени и постари граѓани на Газа.
„Многу сме загрижени што нападите врз болницата Ал-Шифа драматично се интензивираа во текот на изминатите часови, а нашите волонтери пријавија дека ситуацијата на теренот е неиздржлива“, се вели во соопштението на Макрон, со напомена дека „Израел и понатаму има право на самоодбрана“, но дека „не постои оправдување за бомбардирањето на болниците“.
„Гардијан“ пишува дека предметната болница служела како засолниште за повеќе од 50.000 цивили.







