Ракометарите на европскиот првак Вардар од бината на плоштадот „Македонија“, им се обратија на илјадниците љубители на спортот кои се собраа за да го поздрават нивниот успех.
Вие покажавте дека заслужено ја освоивме титулата која ви ја посветуваме вас. Се надевам дека и следната година ќе се видиме на ова место – рече Штербиќ
Благодарност за одличната атмосфера искажаа и другите играчи, како и членовите на стручниот штаб и на раководството на Вардар.
Играчите претходно пристигнаа во центарот на Скопје со панорамски автобус, кој од аеродромот „Александар Велики“ па се до Порта Македонија беше следен од илјадници возила, во кои беа навивачите кои први ги дочекаа своите херои.
Колоната возила на чие чело беа новите европски шампиони беше поздравувана од многу граѓани кои излегоа на улиците, беа на мостовите, на терасите на зградите, на градежни објекти, истакнувајќи македонски знамиња и знамиња со црвено-црните бои на Вардар.







