Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари работен појадок со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, соопштија од партискиот Центар за комуникации.
Мицкоски и Могерини во рамките на средбата зборувале за европските интеграции на државата, најновиот извештај на Европската комисија и за нотираните недостатоци.
„Претседателот Мицкоски истакна дека Европската Унија ѝ е потребна на Република Македонија како начин за подигнување на стандардот на граѓаните, повисок квалитет на живеење и споделување на заедничките вредности и изрази загриженост за економската стагнација во државата, корупцијата, која е широкораспространета, и случаите што отвораат сериозен сомнеж за криминал во кој се вмешани највисоки преставници на власта“, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски пред Могерини посочил и дека политичкиот терор е широко застапен и тој се одвива на повеќе нивоа како начин на пресметка на власта со неистомислениците, а се пожалил и на притисоци врз медиумите и недостиг на демократски амбиент, што е сериозен предизвик, а кои државата ја уназадуваат во повеќе сфери.







