Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вообичаено, преку видео-обраќање, ја критикуваше власта за, како што вели, скандали со криминалните иновации и скандалите во Министерството за здравство, како и за распродавање на државните интереси.
„Трговијата со идентитетот е само еден дел од хаотичното управување на Владата. Зад оваа завеса, зад бројните шпекулации, наметнати теми за дефокус се случува крах во економијата.
Поразителната 2017 година во која македонската економија забележа нула раст, односно најнизок раст во Европа, по се изгледа ќе се повтори и во 2018 година. Така растот во првиот квартал од 2018 година изнесуваше 0,1%, а економските параметри за вториот квартал укажуваат дека повторно растот ќе биде најнизок во Европа. Со тоа 2018 година ќе биде втора изгубена година за македонските граѓани, односно повторно година на економска стагнација.
Владата нѐ задолжува нас и идните генерации. Според официјалните податоци на Министерството за финансии вкупниот јавен долг изнесува 47,7% што во однос на претходниот квартал претставува пораст од 0.5 процентни поени. Но уште повеќе загрижува начинот на кој Министерството за финансии манипулира и погрешно го пресметува долгот за да ја прикаже розовата состојбата во македонската економија.
Но најважно е прашањето зошто се задолжува Владата на СДСМ? Нема нови автопатишта, нема гасификација, нема нови булевари ниту болници, училишта, градинки… Очигледно задолжувањата се прават за да се финансираат бизнисите на функционерите блиски до СДСМ“, вели Мицкоски.
Според него, најголемото ветување на владата за исплата на 500 евра просечна плата е и најголема лага на СДСМ во економијата.
Мицкоски уште рече дека „младите освен тоа што се заборавени од владата, таа им нанесе уште еден удар, откако нискобуџетската компанија Визер најавила дека дел од линиите ќе ги скрати, а можеби и трајно ќе замине од Македонија“, што, според Мицкоски, е директен резултат на неработењето на Владата.
„Афера до афера, пораз до пораз. СДСМ не е способен и подготвен да ја води државата во вистинска насока. Време е СДСМ да си замине од власт и граѓаните да одат напред“, порача Мицкоски.







