Менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо, е лут на управата на клубот затоа што претходната недела не му ги завршила трансферите на Немања Матиќ од Челси и Алваро Мората од Реал Мадрид.
Мурињо, пренесува британски Гардијан, побарал од потпретседателот Ед Вудворд да му ги доведат Србинот и Шпанецот до 16 јули кога Манчестер јунајтед тргнува на турнеја во САД.
Матиќ ги договорил условите под кои би преминал на Олд Трафорд (околу 40 милиони евра), а и Мората со задоволство би преминал во Јунајтед затоа што е незадоволен со својата улога во екипата на шампионот на Европа.
Јунајтед до сега, во новиот преоден рок, го доведе само штоперот Виктор Линделоф од Бенфика.







