Од Левица обвинуваат дека нивна активистка била нападната од две лица, членови на владеачка партија, на вчерашната прослава во Градски парк, во моментите додека со уште неколкумина други активисти на оваа партија држеле транспарент против НАТО и извикувале: „НАТО убијци“ додека траел настапот на групата „Архангел“.
Напоменуваат и дека полициски службеник кој што бил присутен таму одбил да состави записник за инцидентот.
„На вечерашната владина прослава во Скопје, по повод наводната покана за членство во НАТО, активистка на Левица беше физички нападната од две непознати машки лица, најверојатно членови на една владејачка партија! Таа, заедно со други наши антимилитаристички активисти, држеше транспарент на кој пишуваше: „НАТО = Војни, Крв, Солзи, Смрт“. Но, симптоматично е тоа што најблискиот полицаец од присутните униформирани екипи, кои го обезбедуваа настанот во Градскиот парк, ОДБИ да состави записник за инцидентот, и покрај уредната пријава на девојката!? По ова, таа – заедно со адвокат – се упатени кон полициската станица „Беко“, каде случајот ќе биде пријавен!
П.С. Ова се случува само ден по одлуката на Уставниот суд на РМ во која беше утврдена политичка дискриминација врз наши членови и попречување на слободата на јавно изразување!“, напишаа од Левица во нивното соопштение до медиумите.
Членови на Левица синоќа го нарушија концертот на групата Архангел со протестен гест, кревајќи транспаренти против НАТО.
На нивните транспаренти НАТО беше пречкртано, а околу допишано, смрт, бегалци, солзи, бомби, крв.
Тие скандираа „НАТО убијци“ кога групата Архангел почна со изведба на нивната песна „Крст“.







