Фудбалскиот клуб Челзи денеска соопшти дека нивниот голман Едуард Менди кариерата ќе ја продолжи во Ал Ахли.
Клубот од Саудиска Арабија наводно платил отштета за сенегалскиот репрезентативец од околу 20 милиони евра.
„Сините“ му се заблагодарија на 31-годишниот голман за се што направи за клубот, особено за освојувањето на Лигата на шампионите во 2021 година.
Менди беше член на Челзи од 2020 година, а претходно бранеше за Рен, Ремс, Марсеј и Шербур.
Минатата сезона голот на лондонскиот клуб го чуваше на 12 натпревари. За репрезентацијата на Сенегал настапи на 29 меча.
Да потсетиме, освен него летово од Челзи во Саудиска Арабија заминаа Нголо Канте и Калида Кулибали. Канте во Ал-Итихад, а Кулибали во Ал-Хилал.
„Сините“ ги напуштија и Матео Ковачиќ (се пресели во Манчестер Сити), Тиџемуе Бакајоко (моментално без клуб), додека истекоа позајмиците на Жоао Феликс (Атлетико Мадрид) и Денис Закарија (Јувентус).







