Најголемата германска издавачка куќа „Аксел Спрингер“, која меѓу другото го издава и таблоидот „Билд“, најави масовни отпуштања и делумна замена на отпуштените вработени со вештачка интелигенција, објавија денеска германските медиуми.
„Ќе мораме да се збогуваме со колегите кои досега ги извршуваа функциите кои во дигиталниот свет ги обавуваат процесите на вештачка интелигенција “, стои во интерниот мејлот што менаџментот им го испратил на вработените.
Во редакцијата би можеле да бидат укинати многу работни места поврзани со лекторирање или со визуелен дизајн на страниците.
Како што јави германската новинска агенција (ДПА), засега е предвидено отпуштање на повеќе од 200 вработени.Раководството на „Аксел Спрингер“ најави дека целта и е „социјално згрижување“ на работниците кои би останале без работа.
Отказите и зголемената употреба на вештачка интелигенција се поврзани со стратегијата за целосно свртување кон дигиталното издание на дневните весници „Билд“ и „Ди Велт“ и укинување на сите други печатените изданија.
Со мерките за штедење се погодени и подрачните канцеларии на оваа издавачка куќа.
„Билд“ е сè уште најтиражниот германски дневен весник со околу 1,1 милион отпечатени примероци.
Но, последните години тиражот е во постојан пад. Весникот во 2013 година продаваше двојно повеќе печатени примероци од денес.
На крајот на 2021 година, „Билд“ го отпушти својот главен уредник, Џулијан Рајхелт, поради обвинувања за злоупотреба на моќта и сексуално вознемирување на колешките, а правната битка со поранешниот уредник сè уште трае.







