Шпанскиот премиер, Педро Санчез, вчера изјави дека на пет дена се повлекува од јавноста за да размисли дали да остане премиер, откако судот во Мадрид отвори истрага против неговата сопруга која се сомничи за корупција.
Синдикатот „Манос Лимпијас“ (Чисти раце) ја пријави 59-годишната Бегоња Гомез во судот во Мадрид дека, како сопруга на премиерот, давала писма со препораки со нејзин потпис на претприемачи кои се пријавувале на јавни тендери.
Консултантската компанија на претприемачот Карлос Барабес добила десет милиони евра од јавно претпријатие во надлежност на Министерството за економија. Тој претприемач подоцна финансиски помогнал последипломска програма на мадридскиот Универзитет „Комплутенсе“ со која управува Гомез, објави шпанската ТВЕ.
Во пријавата се споменува и поврзаност на сопругата на премиерот со компанијата „Глобалиа“, која била спонзор на тинк-тенк конференција организирана од Гомез. Шпанската влада со 600 милиони евра народни пари ја спаси авиокомпанијата „Ер Европа“, чиј сопственик е „Глобалиа“.
Социјалистот Санчез, кој ја предводи левичарската влада од летото 2018 година, се обрати во средата со отворено писмо во кое вели дека неговата сопруга ќе се брани пред судот од „лажни“ обвиненија за корупција.Тој додаде дека таа веќе покренала судска постапка против медиумите со „десна или крајно десна ориентација“, на чии информации се заснова кривичната пријава.
„Ми треба пауза за размислување“, напиша тој во писмото објавено на X (Твитер).
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди (…) дали треба да продолжам да ја водам владата или да се откажам од таа чест“.
Најави дека во понеделник, на 29 април, ќе излезе пред медиумите и ќе ја соопшти својата одлука.
Судот во Мадрид претходно во средата објави дека на 16 април отворил истрага против Гомез.
Детали не соопштија, само рекоа дека истрагата во оваа фаза е тајна и дека повикале неколку сведоци. Меѓу нив се и двајца новинари од два интернет портали, од кои едниот е „Ел Конфиденсиал“ (El Confidencial).
„Тоа се десни и крајно десни медиуми“, напиша 52-годишниот Санчез, обвинувајќи ги дека со „подмолни“ и „лажни“ информации се обидуваат да му наштетат.
Санчез во понеделник на прес-конференција ќе соопшти дали ќе остане на функцијата.
„Како што е логично, Бегоња ќе ја брани својата чест и ќе соработува со судството во се што е потребно за да се разјаснат дејствијата, прикажани како скандалозни, како и оние непостоечките“, додаде тој.
Санчез пред шест месеци формираше нова малцинска левичарска влада со парламентарна поддршка на сепаратистичките партии на Каталонија и Баскија.
Тој ги обвини опозициски партии од десницата, Народна странка (ПП) и Вокс, дека за непочитување на изборните резултати.
„Се работи за операција на злоставување и удирање на сите страни за да ме соборат политички, приватно напаѓајќи ја мојата сопруга“, напиша во писмото од четири страници.
Народната партија после објавата на писмото му порача „да престане да се прави жртва и нека положи сметка“.
„Наместо да се повлече на пет дена, треба веднаш и јасно да се објасни овој скандал“, рече Цуца Гамара, истакната членка на партијата.
(Фото: Ројтерс)







