Германската автомобилска компанија „Фолксваген“ ги потврди прогнозите за профит за 2017 година, после растот на приходот и добивката во првото овогодишно тромесечје.
Нето профитот на групацијата во периодот јануари-март достигна 3,4 милијарди евра, што е за 44 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година, додека приходите се зголемени за десет отсто, на 56,2 милијарди евра.
И приходите и добивката ги надминаа проценките на аналитичарите кои ги анкетирака компанијата „Фактсет“.
„Нашите квартални резултати се последица на силните перформанси на брендовите од групацијата, лансирањето на нови производи и солидната заработка во Западна Европа“, се наведува во соопштението на „Фолксваген“.
Компанијата потврди дека нејзиниот профит од работењето е зголемен за 28 отсто, на 4,4 милијарди евра во првите три месеци од оваа година.
Кога станува збор за целата 2017 година, групацијата ја задржува профитната стапка меѓу шест и седум отсто, додека приходите ќе пораснат за четири отсто во однос на една година претходно.
Германската компанија успеа да оствари добри резултати и покрај скандалот со манипулациите со вредностите за издувните гасови што „Фолксваген“ го чинеше повеќе милијарди долари ширум светот, оценува АФП.









