Сортата банани „Кавендиш“ моментално е на работ на изумирање како последица на габична болест – попозната како Панамска болест. Посевите во Азија, Африка, на Блискиот Исток, и во Австралија и Централна Америка се сериозно погодени од овие габи кои настануваат во почвата, пренесува „Унилад“.
Болеста уште се нарекува и „венење на бананите“ и е посебно разорна, бидејќи го таргетира „крвотечниот систем“ на плодот, намалувајќи ја количината на вода што се внесува од почвата.
Истражувањата покажуваат дека секоја година се јадат повеќе од 100 милијарди банани, од кои дури 47 отсто се од сортата „Кавендиш“.
Ова не е прв пат Панамската болест да ги пустоши посевите ширум светот, бидејќи врстата Т1, исто така, претходно ја искорени бананата која се нарекуваше „Грос Мишел“.
Џејмс Дејл, професор и раководител на биотехнолошката програма за бананите на Технолошкиот универзитет во Квинсленд, објасни дека „Грос Мишел“ била главната извозна банана во првата половина на минатиот век.
Во текот на 50-тите години, оваа болест ги зарази сите плантажи, што ги присили земјоделците да најдат нова сорта – „Кавендиш“.Наскоро таа стана многу популарна заради нејзината отпорност на сојот Т1.
Посевите во моментов се погодени од сојот Т4 на Панамската болест, кој се шири многу побавно од претходните видови, па Дејл верува дека ќе поминат уште 10 години пред целосно да исчезнат „Кевендиш“ бананите.
Новинарот и автор на книгата „Бананата: Судбина на овошјето кое го промени светот“, Ден Кепел, за „Инсајдер“ (Insider) изјави дека во моментов никој не е ни блиску до решавање на проблемот.
„Одговорот ќе биде крај на монокултурата. Решението е разликост“, смета Кепел.
Иако смета дека се работи за краткорочно решение, сигурен е дека е потребна нова сорта на овошје отпорна на болести, како што се случи претходно после исчезнувањето на сортата „Грос Мишел“.
„Долгорочното решение е масовно производство и продажба на повеќе од една сорта на банани. Колку се тие генетски поразновидни, толку се помалку подложни на болести“ заклучува Кепел.







