Дигиталната платформа за посредување при изнајмување на сместување, Букинг (Booking.com), се договори со италијанските даночни власти за да стави крај на долгогодишниот спор околу даночниот долг од 153 милиони евра.
Холандската компанија се согласи да плати 94 милиони евра данок на додадена вредност (ДДВ) и со тоа спорот е завршен, соопштија од италијанското државно обвинителство.
Многу изнајмувачи рекламираат сместување на платформата Букинг, без да ја пријават активноста на даночните власти, кои нагласуваат дека данокот мора да го наплати дигиталната платформа.
Спорот ја опфаќа наемнината на Букинг во периодот од 2013 до 2019 година и проценетиот даночен долг на компанијата од 153 милиони евра.
Букинг соопшти дека е задоволен од спогодбата.
Италијанските даночни власти истражуваат и можно избегнување на даночни обврски на дигиталната платформа Аирбнб (Airbnb).
Минатата недела, италијански судија нареди во рамки на истрагата заплена на 779,5 милиони евра на европската филијала на Аирбнб и нејзините тројца поранешни функционери.
Државните обвинители се сомневаат дека Аирбнб во периодот од 2917 до 2021 година не им наплаќала на изнајмувачите данок од 21 процент и тој износ не го уплатувале на сметка на даночните власти.
Ајбнб се обиде да го оспори италијанскиот закон за оданочување на изнајмување пред Европскиот суд, кој пресуди во корист на владата во Рим.
Владата на премиерката, Џорџија Мелони, планира да ја заостри наплатата на даноците за краткорочно изнајмување на недвижности и најавува зголемување на даночната стапка од 21 на 26 отсто за изнајмувачите кои на пазарот нудат повеќе недвижности.







