Праправнуката на британски полицаец кој учествувал во потрагата по Џек Мевосек, тврди дека го открила идентитетот на серискиот убиец на проститутки кој дејствувал во источен Лондон на крајот на 19 век.
Од тоа време десетици луѓе се доведувани во врска со убиствата, дури и членови на кралското семејство и премиери.
Во книгата што ќе биде објавена следниот месец, Сара Бакс Хортон, потомок на полицаец кој учествувал во истрагата, тврди дека тоа е Хајам Хиамс, врз основа на описот на сведоците.
Во изјава за „Сандеј Телеграф“ таа вели дека ова е првпат Хајам Хиамс, производителот на цигари, епилептичар и зависник од алкохол, да биде идентификуван како Џек Мевосек.
Според тезата на авторката, Хајмс често ја тепал својата сопруга, мислејќи дека го изневерува, а бил уапсен откако ги нападнал неа и неговата мајка со секира.
Сведоците го опишуваат како маж во триесеттите години со ослабена една рака и имал подвиткани колена.
Авторката изнесува медицински податоци во кои се наведува дека Хиамс, кој во 1888 година имал 35 години, се здобил со повреда поради која не можел да ја „свитка или да ја испружи“ левата рака и дека имал проблеми со колената и оти страдал од редовни напади на епилепсија.
Медицинските податоци собрани од болниците упатуваат на тоа дека времето на неговата физичка и ментална болест се совпаѓа со периодот на убиствата помеѓу август и ноември 1888 година.
Во тој период во областа Витчапел биле убиени шест жени.
Авторката заклучува дека болеста, отежната од алкохолизмот, го навела да убива.
Убиствата престанаа кон крајот на 1888 година кога полицијата го приведе Хајмс како „налудничав скитник“.
Следната година тој бил сместен во душевна болница во северен Лондон.
Во 2014 година, авторот и деловен човек, Расел Едвардс, дошол до заклучок дека Џек Мевосек е Арон Космински, еврејски имигрант од Полска, кој работел како бербер, и веќе се сметал за еден од главните осомничени. Неговата теза, заснована на ДНК анализа, е отфрлена.








