Во Европа демократијата е замислена како фундаментална вредност која ја поддржува пошироката јавност низ целиот континент. Во исто време, бранот на крајната десница, чиј врв се очекува за време на европските избори во јуни, се смета за само минлив политички феномен. Се уште се верува дека европската демократија ќе опстане – иако звучи утешно, тоа и не е во целост точно, пишува „Политико“.
Имено, бројните истражувања покажуваат дека конзистентната поддршка на демократијата низ Европа е веќе прилично ниска, а се чини дека истата ќе продолжи да паѓа.
Затоа, Европа би можела да дојде до точка на пресврт во која недемократските форми на владеење не само што ќе пуштаат корени и ќе се вкоренат, туку и ќе процветаат.
Според глобалното истражување на Фондацијата Отворено општество од 2023 година, само 38 отсто од Германците на возраст од 18 и повеќе години се доследни поддржувачи на демократијата.
Во Франција тој број изнесува мизерни 27 отсто, додека Италија и Полска бележат помалку од 45 отсто.
Овој недостаток на поддршка во споменатите земји не е статистичка аномалија.
Во 2022 година, истражувањето спроведено во девет земји, исто така покажа дека таквата поддршка се движи од ниски 22 проценти (во Романија) до високи 48 проценти (во Финска). А, во седум од овие девет земји – во Грција, Италија, Германија, Естонија, Полска, Романија и во Унгарија – доследната поддршка за демократијата беше 45 проценти или помалку.
Недоследни поддржувачи на демократијата се сметаат оние испитаници кои на една или повеќе од пет ставки одговориле така што ги доведуваат во прашање или се спротивставуваат на демократските норми.Можеби се согласиле со тезата дека им е прифатлив силен лидер кој ги игнорира изборните резултати и законската власт на парламентот или дека недемократската влада е подобра од демократијата.Или, пак, одговориле дека демократијата е лош начин за управување со нивната нација и оти военото владеење би било подобра опција за нив.Теоретски, ако лицето на повеќе прашања одговорило недоследно, толку помалку ја поддржува демократијата.
Но, она што најмногу загрижува е фактот дека поголемиот дел од истражувањата (четири од 2023 година и седум од девет анкети од 2022 година) покажаа дека во голема мера малку е веројатно дека помладите Европејци доследно ќе ја поддржуваат демократијата, за разлика од нивните родители, и бабите и дедовците.
Во Германија, на пример, само 21 отсто од генерацијата „З“ и милениумците рекоа дека доследно ја поддржуваат демократијата, во споредба со 66 отсто од оние на возраст од 70 и повеќе години.
Во Полска, само околу четвртина од испитаниците на возраст од 18 до 29 години покажале доследна поддршка за демократијата, што е 17 процентни поени под националниот просек.
Слично е и во Франција со само 14 отсто, во Италија тоа е 34 отсто, при што кај постарите Италијанци речиси двојно е поголема веројатноста дека ќе ја поддржат демократијата.
Овие податоци дефинитивно се аларм за тревога. Бидејќи како што ќе стареат младите Европејци – што е процес кој се нарекува „демографска сукцесија“ – темелната поддршка за демократијата низ Европа неизбежно ќе биде уште пониска. А, тоа, на крајот на краиштата, може да резултира со целосен колапс.
„Во срцето на европската демократија отчукува вистинска темпирана бомба“, предупредува „Политико“.
Политичката поларизација на својот врв и ниската доверба во европските институции сериозно му се закануваат на Стариот континент. А, тој пад на конзистентната база на поддршка за демократијата во Европа веројатно дополнително ќе биде зајакнат од демагози и авторитаристи, кои ќе бараат нов извор на моќ непречена од демократски правила и норми.
(Фото: Димитриос Симеонидис / алами – профимедиа)







