Владата на Македонија одлучи да ги замрзне цените на тестенините и млечните производи. Сега овие продукти ќе се продаваат за 10 до 15% поевтино.
Оваа одлука ќе се применува од 16 март до 31 мај оваа година.
Макароните и шпагетите треба во просек да се намалат за 8 до 9 денари, додека цената на млекото, урдата, сирењето, кашкавалот, павлаката, киселото млеко и јогуртот се очекува да падне за 10 отсто.
„Уште минатата година најавив дека сега не е време за изобилие, туку време кога сите треба да се издигнеме над сопствените, лични интереси, и да покажеме солидарност. Треба да има одговорност од страна на компаниите, но и наша одговорност, како Влада, која има механизми да влијае и да не дозволи нарушување на дисбалансот на домашниот пазар во однос на понудата и побарувачката“, истакна премиерот Димитар Ковачевски.
Министерот за економија, Крешник Бектеши најави дека следната недела ќе се прават анализи за намалување на цените и на шеќерот, јајцата и македонскиот ориз…
Ако производителите не ги намалат цените на овие производи најверојатно и тие ќе се замрзнат.
Пред две недели Владата реши да ја замрзне цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, со образложение дека компаниите не ги намалиле цените на основните производи и покрај субвенционирањето на електричната енергија од Буџетот.







